..................Македонија и Македонците во Средниот век
Прашањето на имињата на цели територии и народи низ времето и историјата, особено овде, на Балканот, понекогаш добивало дури и ирационална димензија. Било и е повод и причина за силно изразени хегемонистички и националистички чувства, кои оваа балканска ветрометина ја претворале и ја претвораат во простор на пресметки, неизживеани шовинистички еуфории, самоунишувачки и братоубиствени војни.
Тоа што Македонија и Македонците низ историјата биле именувани вака или онака, не е појава карактеристична само за македонската држава и за македонското население. Така, Србите сами се нарекувале, или другите ги нарекувале: Хрвати, Раси, Расијани, Скити, Серви, Серби, Илири, па и Трибали, се додека не се утврдило како дефинитивно националното име Срби. И Бугарите низ вековите биле Словени, Волгари, Болгари, Срби, Готи, Скити, Хуни, Ромејци, Татари, Мизи, Мизани, Илири и слично. Александар Матковски ќе забележи дека бугарски трговци, па дури и бугарски преродбеници во 19. век, се нарекувале Грци, па тоа го предизвикало Пајсиј Хилендарски да извика: "Бугарине, зошто се срамиш да се наречеш Бугарин! Грците не само што час биле Византијци, час Ромеи, час Румилети, туку се срамеле од името Елини", сметајќи го за паганско. Треба ли посебно да се нагласува фактот дека повеќето од хрватските преродбеници, се до средината на 19. век, се сметале за Илири, а јазикот на кој пишувале и со кој се служеле, го нарекувале илирски.
Повеќе имиња на една иста територија или на една иста популација, не е карактеристика само за балканскиот простор и само за балканските народи. Низ целиот среден век Германија се викаше Света Римска Империја. Турците, како, впрочем, и Грците, се срамеле да се нарекуваат Турци, се до минатиот век, кога ова име беше прифатено како национално. Тие беа Османлии, Исмаилити, Агарјани. Илустративен е примерот на Италија: таа како италијанска држава со тоа име се формира пред нешто повеќе од 130 години. Тогаш се утврди и името Италијани. Дотогаш постоеја државите Пиемонт, Венеција, Ѓенова, постоеше папската држава.
Повеќе византиски историчари, а подоцна и разни патописци, Македонија ја сметале за дел од Бугарија, а некои обратно: Бугарија за дел од Македонија. Се зависеше од тоа кои територии ги опфаќала административната единица (темата) Македонија. Кога под јурисдикција на Охридската архиепископија потпаднале Бугарија, Србија, Црна Гора и поголем дел од Влашко, тие биле делови на Македонија!
Александар Матковски, во исцрпното четиритомно дело "Отпорот во Македонија", ќе заклучи: "Откако еден народ ќе се оформи и ќе се конституира со едно одредено национално име, тоа не значи дека оттогаш започнува и неговата историја. Напротив, се што било во минатото на таа територија и без разлика како поединци или групи сами се декларирале или како другите ги именувале, спаѓа во неговата историја. Откако Турците се конституирале под ова име сето минато на Османлиската империја станува нивна историја... Ист е случајот и со Македонија: откако се прифатило и утврдило националното име Македонија, сето минато станува дел од македонската историја, без разлика што други или самите Македонци различно се именувани или се именувале во минатото... Важен е процесот на општественото развивање... Националното име е само повисока фаза на еден ист континуиран развој, а во тоа име се вклучува и сето минато на тој народ".
Имињата Македонија и Македонци за време на византиското господство над македонската територија, како и нешто подоцна, кога Македонија ќе потпадне под турска власт, се повеќе се зацврстуваа и во историјата и во пишаните документи. Александар Матковски направил опширен и детален преглед на документите каде се можат да се сретнат овие имиња. Византиските писатели и историчари, како Скилица, Ана Комнена, Никифор Врисниј, Никита Хонијат и други, во своите списи и хроники зборуваат за "македонски легии", а поетот Ефрем пишува за Солун како за "престолнина на Македонците". Јован Звонара, зборувајќи за најстарата историја на Византија, ќе забележи: "Константин (мисли на Константин Велики
Сатирата "Тимарион", од непознат автор, е напишана во времето кога живеат и творат Ахенски, Звонара и Ал-Идризи - средината на 12 век. Таа дава драгоцени податоци за трговските врски на Солун и Македонија со светот:
"Денот на Свети Димитриј (во Солун - з.н.) е така голем празник, како Панатинеисте во Атина или Панониите во Милет. Тоа е голем македонски празник и на него се собира народ не само тамошниот, македонскиот, туку секаков и од секаде: Грци, од разни области на Елада; мизиски племиња што го населуваат пространството дури до Истар (Дунав - з.н.) и пределите на Скитија; Кампанци, Италијани, Ибери, Аузитанци, Келти од зад Алпите... Таму доаѓаат стоки од Беотија и од Пелопонез, се што трговските бродови увезуваат за Елините од Италија. Не помал дел внесуваат исто така Френкија, Египет, Италија... Сите тие трговци увезуваат направо во древна Македонија и Солун".
Французинот Виљем Тирски, зборувајќи за движењето на крстоносната војска на Боемунд Тарентски (1096 и 1097 год.), ќе констатира: "Најпосле, кога одново го фатиле патот и поминале низ Солун и низ цела Македонија, со непрекинати и многудневни напори стигнале во непосредна близина на Цариград". Стотина години подоцна, Евстатиј Солунски, следејќи ја норманската инвазија, во својство на митрополит солунски, ќе запише во "Историја на освојувањето на Солун" (1185): "Причина за страв бил фактот дека од таму (од Драч - з.н.), па се до македонскиот град (Солун - з.н.), кај нас ништо не им се појави како пречка...". Во 1493 година во Војводина се појавил некој Данчо Македонски, доста богат благородник по потекло од Македонија.
По проширувањето на Турција на балканскиот простор, во Европа се преземени повеќе акции против неа. Проектот на Павле Мавроцен, пратеник на Венеција во Рим (1461-1462 год.), предвидувал вклучување во акцијата против Турците и учество на Македонците заедно со Бугарите, Србите, Босанците и Грците. Интересно е да се спомене: најголемиот хуманистички минијатурист Јулие Кловио (1498-1578) се нарекувал "Македон", зашто, како што вели неговиот биограф, по потекло бил од Македонија.
Во 1617 година некојси Султан Јахја сакал да крене востание против Турците. Тој, притоа, се состанал со македонскиот ајдутин Верго, "таму некаде во македонските планини". Притоа, Верго не само што му ветил помош, туку го замолил Јахја да ја земе титулата "Александар Втори, крал на Македонија". Овој го послушал и долги години потоа илегално се движел по Балкан, првин, како Константин Македонец, а во 1625 година, меѓу козаците од Запорожје, со кои разговарал да учествуваат во востанието во Македонија, се претставувал како "Александар, крал на Македонија". Неговиот постојан придружник Марко Пилат го добил прекарот "Македонец". Пронајден е и запис во кој стои дека некој Тарноски во 1361 година бил избран за ополномоштеник на народите од Босна, Македонија и Србија. Во некои преписи на Душановиот законик царот Стефан Душан се титулирал како "благочестливиот и христољубив македонски цар Стефан, српски, бугарски, унгарски, далматин-ски, арбаноски, унгарско-влашки и на многу други предели и земји самодржец..."
Сакајќи да ја зацврсти својата власт насекаде ширум Царството, императорот Јован Шести Кантакузен сакал да се потврди во Солун, каде што радикалната странка на зилотите, кои го поддржувале императорот Јован Петти Палеолог, имала решавачко влијание. Кантакузен пишува: "Увидувајќи дека на царот нема да му биде лесно да ги нападне, зашто цела Македонија, освен Солун, веќе се наоѓа под кралот (на Србите - з.н.)..." Таа иста 1349 година, Кантакузен пак пишува: "А потоа, со доаѓањето на пролетта и самиот (императорот Јован Кантакузен - з.н.) одлучи да се врати со голема воена сила и тогаш не само да се погрижи за Солун, туку и за Македонија, Тесалија и Акарнанија, кои за време на војната ги освоиле Трибалите (Србите - з.н.)". Кон крајот на 1350 година, кај Солун, се сретнале Јован Кантакузен и Стефан Душан. Кантакузен му рекол на Душана: "...и покрај тоа, други немалубројни градови во Македонија, кои беа под државата на Ромеите, ги држиш"! За ова спорно прашање Кантакузен ќе напише: "А ако не сака, може повторно да завојува (императорот на Византија -з.н.) против оној што ги држи сите градови (против Стефан Душан - з.н.)... Населените градови и села околу Струма до границата на Сер и планината Тантесан, да им припаднат на Ромеите, а Зихна, и Сер и Мелник, и Струмица, и Костур и другите градови и села на Македонија, кои би биле надвор од наведените градови, да ги поседува кралот (српскиот цар Стефан Душан - з.н.)".
Австрискиот цар Леополд на 26 април, а потоа и на 31 мај 1690 година, за време на Карпошовото востание, издал протекциони дипломи во кои го повикувал македонскиот народ да се бори против Турците, ветувајќи му слобода. Попот Данаил од Москополе меѓу 1760 и 1770 година го напишал "Четиријазичникот", и тоа на грчки, албански, влашки и македонски јазик - битолски дијалект. Истиот овој Данаил, подоцна, подготвувајќи го второто издание на својот "Четиријазичник", собирал лексички материјал во Охридско.
Поведен од идејата во Русија да се формираат полкови од јужнословенски народи, рускиот гроф Алексеј Бестјушев, како државен канцелар, ја информирал на 25 декември 1750 година царицата Елисавета Петровна дека полковите треба да бидат формирани од Срби, Македонци и Бугари, зашто "Србите, Македонците и Бугарите се еднородни со нас". Девет години подоцна тој ја информирал царицата дека се формирани полкови од "српска, бугарска и македонска нација".
Воопшто, истражувањата на Александар Матковски околу емиграциите на македонското население на север, во Војводина, Унгарија и Украина, пружаат јасна слика за посебноста на Македонецот, како и за неговото одвојување од другите балкански народи - Србите, Бугарите и Грците, на пример. Од големиот број податоци за Македонците и Власите од Македонија би го одделиле указот на руската царица Елисавета Петровна од 24 декември 1751 година со кој им се дозволува на Македонците, Бугарите и Власите и на другите балкански христијани да се населат во Русија и да формираат свои полкови. Со царска грамота од 11 јануари 1752 година на Иван Хорват (по потекло македонски Влав од селото Хорват, сега Арвати во Долна Преспа), му се дозволило да формира коњички и пешадиски полкови од "српскиот, македонскиот, бугарскиот и влашкиот народ". Со указ на Сенатот на Русија од 19 октомври 1752 година било дозволено во Нова Србија, во Украина, да се доселат бегалци од Молдавија, Влашко, Македонија и Србија, но не и од некои други народи. Во Нова Србија биле регистрирани 124 Македонци.
Во регистарската книга на полкот на генералот Шевиќ има запишано, поединечно и со повеќе податоци, 74 војници, зад чии имиња и презимиња стои дека припаѓаат на македонската нација. Зачувани се и платните списоци на полкот на генералот Хорват. Обичен војник - хусар имал плата од 18 рубли, а пешакот 16 рубли. Генералот имал плата 1.800 рубли, мајорот Никола Чорбе (Чорбевци биле од Охрид) 397 рубли, капетанот Тодор Чорбе 268 рубли, прапоршчикот Михаил Чорбе 134 рубли итн. Од ова се гледа дека во високиот офицерски кадар на полкот на генералот Хорват имало повеќе офицери по потекло од Македонија.
На 10 мај 1759 година бил формиран Македонскиот хусарски полевој полк, составен главно од Македонци. Пред тоа, веќе имало вакви српски, грчки и бугарски полкови. Полкот, освен што имал свое знаме, имал и свој грб.